Ако се суди според профилот на новиот директор на Државниот завод за статистика кој што е именуван вчера македонската влада наскоро би можела да започне подготовки за организирање на попис на населението.
Според соопштението од владата Симовски поседува неколку дипломи од специјализирани обуки организирани од Бирото за попис во САД, меѓу кои: Обуката за планирање на пописни активности, одржана во Вашингтон во 1996 година, Обуката за контрола на квалитетот на податоците, одржана во 2001 и Обуката за подготовка на проекции на населението, одржана во 2005 година.
Во неговата биографија се вели дека тој е истакнат и докажан професионалец со 26 годишно работно искуство во својата професија и на позицијата директор доаѓа од позиција на виш соработник во секторот за деловни статистики, земјоделски статистики и статисики за животна средина во Државниот завод за статистика.
Претходно работел како советник во секторот за информатичка поддршка и одделението за методологии и како раководител на секторот за социјални статистики, одделението за демографија, а од 2005 до 2006 година бил и директор на Државниот завод за статистика.
Симовски објавил неколку негови трудови од областа на статистиката меѓу кои доминантни се тие што се занимаваат со теоријата за пописот: “Проекции на населението во Република Македонија до 2020 година, по возраст и пол“ објавен во 2008 година, „Демографски трендови во Република Македонија 1948-2001 година“ објавен во 2002 година и други.
Во неговото ЦВ уште се вели дека поседува огромно искуство и знаење во активности поврзани со спроведувањето на попис на населението, домаќинствата и становите во 1991, 1994 и 2002 година како и во активности поврзани со проценка населението во периодот меѓу пописите, краткорочни и долгорочни прогнози на населението и е познат како член на тимот кој ги изработил првите проценки на населението во Р.Македонија.
Член е на експертската група во Советот на Европа за проектот „Демографски последици од економската транзиција во земјите од Централна и ИсточнаЕвропа“ и EAPS (Европската асоцијација за студии за населението) и учествувал на многу меѓународни работилници и состаноци организирани од Еуростат, Обединети Нации и други меѓународни организации.
Обидот на предходната влада да спреоведе попис на населението во 2011 година пропадна откако неофицијално ДУИ се спротивставило во комисиите во мешаните или доминантно албанските средини да има задолжително и попишувачи Македонци.





