Македонскиот преговарач во спорот за името, амбасадорот во Вашингтон Васко Наумовски по денешната средба во Њујорк со неговиот грчки колега Василакис и медијаторот Нимиц размислува за повлекување од позицијата.
Неофицијални најави од добро упатени македонски дипломатски извори велат дека Наумовски не сака да биде дел од процесот кој што може да доведе до негирање на македонскиот национален идентитет.
Иако е речиси извесно дека Наумовски за ваквиот потег веднаш ќе биде вратен од позицијата амбасадор во САД, дипломатот и професор на правниот факултет во Скопје е подготвен да биде вратен во земјава.
Финалната одлука Наумовски се очекува да ја донесе многу брзо откако за тоа ќе разговара со министерот Димитров и претседателот Иванов.
Според неофицијалните информации на денешната средба во Њујорк медијаторот Нимиц дал комбиниран предлог кој што за Наумовски е неприфатлив затоа што задира директно во македонскиот идентитет и затоа е можно тој да се повлече од преговорите како македонски претставник.
Предходно Наумовски изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение.
-Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање, рече Наумовски за телевизија Сител..
Тој додаде дека не е оптимист дека проблемот со Грција ќе биде решен.





