Се очекува на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, за грабнувањата и за убиствата на свиреп начин на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Скопје, Боре Видевски да потврди дека на 22 ноември и на 27 ноември во Панче и во Вања пукал нивниот шеф, Љупчо Палевски.
Освен на Видевски, за злосторствата што го згрозија регионот, им се суди и на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, на Велибор Манев и на Влатко Кешишев, а на Александар Ѓорчевски му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Со тоа би го потврдил сведочењето на велешанецот Манев, кој раскажа дека Палчо ги излажал дека ќе извршат грабнувања, а дека ќе нема убиства.
Според сведочењето на Манев, трагичен момент за девојчето Вања бил што ја грабнале по грешка, затоа што требале да грабнат 40-годишна жена, ќерка на фармацевт.
Во местото Бразда, кога сфатиле дека е дете, а не жена, Манев го молел Палчо да не ја убива, но тој рекол „и таа ќе оди“ и ја убил со истрел во главата, а ниту Боре, ниту Велибор, ниту Влатко не сториле ништо за да го спречат. Според Манев, Боре Видевски рекол „влеговме во го*ната, ќе тераме“.
Се очекува и дека Видевски ќе потврди дека таткото на Вања, Александар е невин и нема улога во грабнувањето на неговата ќерка, како што го обвинува Јавното обвинителство.






