Цените на артиклите како да се ставени на брза лента за скапотија. За да се ублажи тоа, Владата крои план за замрзнување на цените на храната, откако се виде дека трговците несакаат да го применуваат Законот за нефер трговски практики. Граѓаните со душа чекаат да се зауздаат цените на производите, оти како што велат, едвај издржуваат со ниските примања.

Економистите велат дека државата мора да направи напори и еднаш засекогаш да стави ред во ценовната политика. Според професорот Јован Пејковски, трговците што екстра заработуваат, нема лесно да се откажат од големиот ќар, затоа мора веднаш да се интервенира, објави МРТ1.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави дека наскоро ќе има конкретен план како ќе се постапува, а примарна цел е да се заштитат и земјоделците и граѓаните. Дел од трговците се огласија дека е краток периодот за да се приспособат на Законот со кој треба да се намалат профитните маржи на над 2.500 производи на максимум 10%.

Инаку во соседството во моментов има најразлични видови на акции и мерки со цел намалување на цените на основните прехрамбени производи. Претходната Влада во земјава, во текот на изминатите две години воведе различни мерки од ограничување на маржите на производите, па се до онаа последна мерка која беше на сила од септември минатата, до март годинава за гарантирана цена на дел од пекарските, месните, млечните производи, но и кај дел од пијалаците.
И додека кај нас цените на храната само одат на горе, во светот, бележат пад, објави Организацијата за храна и земјоделство на
Обединетите нации.





