Се заканува раст на надворешниот долг – Нова арбитражна постапка против државата на врата

Според последните податоци од Народната банка, на крајот од минатата година, нето надворешниот долг на Македонија изнесувал речиси 4,5 милијарди евра во 2023 година, што претставува 32,6% од проценетиот БДП.



Но, пред државата висат и арбитражни постапки кои можат да ги чинат граѓаните и над две милијарди евра. Од она што е познато од последно објавениот Извештај на Државниот завод за ревизија, над 1,3 милијарди евра изнесува потенцијалната отштета што државата ќе ја плати доколку загуби во споровите во меѓународна арбитража.

Освен постоечките пет арбитражни постапки кои се водат против државата во надлежните судови ширум светот, против Македонија се заканува и нова тужба од над една милијарда евра. Станува збор за инвеститорот во рудникот за бакар во „Иловица“, односно компанијата „Еуромакс ресоурсес“. Инвеститорот веќе информираше дека правната основа за евентуално покренување спор пред меѓународните судови, е билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година. Оттаму појаснија дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
Компанијата покрена тужба пред овој суд откако Владата реши да ја повлече одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот. Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите и покрај позитивното мислење од Министерството за економија и судските пресуди во корист на инвеститорот. Дел од експертите претходно алармираа за правниот основ за поништувањето на една ваква одлука и предупредија дека евентуалната арбитража може скапо да ја чини државата.
Инаку, освен што веќе се ризикува зголемување на државниот долг, со одолговлекувањето на проектот за рудникот за бакар во Иловица, но и со неизвесниот исход од целиот процес, државата веќе загуби сериозен прилив во буџетот. Неколку стотици милиони евра приходи не се слеани во Буџетот само по основ на ненаплатени надоместоци за концесијата и по основ на даноци кои инвеститорот ќе имаше обврска да ги исплати ако започнеше изградбата на рудникот.

Целата анализа на:
https://plusinfo.mk/vlastite-itaat-kon-rast-na-drzhavniot-dolg-mili-ardi-evra-se-baraat-preku-me-unarodni-arbitrazhi/