„Русија се обидува да ги прошири канџите на своето конфликтно влијание во нашата земја и на целиот Западен Балкан, попречувајќи го нашиот пат на европското интегрирање и поттикнувајќи омраза и меѓуетничка поделба преку внатрешни и надворешни експоненти. Затоа да бидеме против оваа опасност, да ги засилиме нашите сојузи на пријателства меѓу себе и со нашите сојузници во Европа и САД, за да не дозволиме дезориентираност и дестабилизација на земјата!“ – напиша лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук-профил, исфрлајќи ја уште еднаш својата омилена предизборна пропагандна парола: „НЕ на Русија, ДА за Европа!“ Споменувајќи некакво „руско конфликтно влијание во нашата земја“, им се заканува ли Ахмети на сите оние, што го „попречуваат нашиот пат на европското интегрирање“, а тоа е мнозинството на македонската нација, дека ќе избувне повторно „конфликт“ во Македонија, ако продолжат да се спротивставуваат на „евробугаризирањето“ на „нашата земја“?!
Со својата објава лидерот на „интегративците“ Ахмети отвори и неколку други дилеми: за каква дестабилизација говори тој и кој има во Македонија таква цел пред себе? Кој, или кои, поттикнува / поттикнуваат омраза и меѓуетничка поделба? Кој е „внатрешниот експонент на Русија“, што ја „дезориентира“ Македонија? Поправо, сака ли Ахмети да посочи кон оние, што се спротивставуваат на внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, а тоа е мнозинството на македонската нација, дека се токму тие, според него, оние, кои ја „дезориентираат нашата земја“ и кои го „попречуваат нашиот пат на европското интегрирање“?!





