На 27 април од 11 часот во Мелник, Пиринска Македонија, ќе се одржи семакедонски собор по повод 110-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Јане Сандански.
„До сите Македонци и пријатели на Македонија, до сите почитувачи на делото на Јане Сандански и љубители на македонската култура“ е упатена поканата за настанот кај споменикот на војводата во Мелник, а за еден час претходно е предвидено собирање и во Роженскиот манастир, каде што се наоѓа гробот на „пиринскиот цар“.
На соборот се очекува Васил Стерјовски, лидер на партијата Македонска алијанса за европска интеграција и кандидат за нов пратенички мандат во Парламентот на Албанија, панихида треба да одржи архимандритот Никодим Царкњас од Сботско, Грција, а се најавени и популарни пејачи од Македонија, објави македонскиот активист од Бугарија, Атанас Кирјаков-Војводата.
Новинарот Ицо Најдовски-Перин од Австралија е главен спонзор на годинашниот семакедонски собор, додава претседателот на Градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград во објава на Фејсбук.






