„Ништо не е спорно уставните измени да се случат, па да се формира Владата, како гаранција дека продолжуваме на тој пат. Бројки може да се обезбедат за гласање на уставни промени“, изјави Зијадин Села, лидер на крилото на Алијанса на Албанците кој по расцепот во партијата се приклучи на „Европскиот фронт“.



Села во гостување на ТВ 24, рече дека при отворање на Уставот треба да се отстрани формулацијата 20% од граѓаните кои го зборуваат албанскиот јазик:

„Кога веќе се отвора, тоа прашање треба да се реши. Исто е како кога вие се чувствувате загрозени ако некој од надвор ви наметнува како треба да се формулира македонскиот јазик“.

На прашање што ако Мицкоски ја покани Алијанса за Албанците во Владата, Села со став дека „Мицкоски знае, даден збор од мене е даден збор. Го почитувам мојот збор. Коалицијата Европски фронт е даден збор и ние сме како коалиција. Преговори може да има со Европски фронт, а не со АА“, вели Села.

Според него со приговорите до Државната изборна комисија се прави изборен инженеринг од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата „Вреди“ за да се намали бројот на пратеници на коалицијата „Европски фронт“, предоводена од ДУИ, во која учествува и крилото на Алијанса за Албанците која тој ја предоводи.

На прашање како „Европскиот фронт“ ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски“ и додаде и дека Мицкоски прерано ги праќа во опозиција…