„Ние не правиме договори за нешто што веќе сме го договориле при формирањето на владата. Во времето додека како Алијанса за Албанците управувавме со Министерството за здравство, управувавме правично и успешно. Не гледам причина зошто би требало Министерството за здравство да го менуваме за некој друг ресор“, изјавил Зијадин Села за Алсат М.



„Ако на премиерот му пречи успехот, тогаш треба да му се обратите нему“ рекол лидерот на Алијансата за Албанците според кој на оваа партија ѝ припаѓаат две министерства – за здравство и за локална самоуправа.

Во меѓувреме, извори во СДСМ за Алсат брифирале дека доколку партијата на Села ја прифати функцијата вицепремиер за реформи, тогаш ќе остане во Владата, но во спротивно, нема што повеќе да ѝ се понуди.

За нов министер за здравство СДСМ наводно го спремал неврохирургот д-р Венко Филипче и предлогот ќе бил доставен во Собранието иако Зијадин Села, кој се наоѓа во САД, до среда ќе биде отсутен.

По шпекулациите во некои медиуми дека е можно Алијансата на Села да ја напушти владата, се споменуваше варијантата ДУИ да ги понуди своите два пратеника за одржување на парламентарното мнозинство.