Поранешниот тренер на Вардар и ексрепрезентативец на Македонија, Гоце Седлоски, одново ќе ги предводи фудбалерите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, и тоа како четврти тренер сезонава по Горазд Михајлов, Горан Петрески и Срѓан Захариевски.



„Гоце Седлоски е официјално новиот шеф на стручниот штаб на ФК Вардар.

Новиот предводник на ‘црвено-црните’ во својата досегашна тренерска кариера ги предводел екипите на Хоризонт Турново, Рига, Широки Бријег, Работнички, Влазнија, вториот тим на Динамо Загреб и Шкупи.

Покрај тоа, во периодот од 2015 до 2017 година беше тренер и на ФК Вардар, со кој освои две шампионски титули во рамки на ПМФЛ“, се вели во соопштението на клубот.

Навивачката група „Комити“, пак, не се согласува со враќањето на Седлоски на клупата, забележувајќи му го водењето на Шкупи во најтешките мигови на клубот што го поддржуваат.

„Гоце Седлоски не смее и нема да биде тренер на ФК Вардар!

Човечкиот отпад кој уживаше во друштвото на убијците на нашиот брат Саздо, кој со огромно задоволство се радуваше на поразите на ФК Вардар и кој беше избркан од клубот во 2017 година поради сомнително работење, по кое е општо познат во јавноста, не заслужува да седне на црвено-црната клупа!

Во сабота или седни на клупата на Слога Југомагнат, онаму каде што природно припаѓаш, или воопшто не доаѓај. Вардар и Градскиот стадион во Скопје, за тебе веќе не постојат. Никогаш нема да ти биде простено!“, порачаа „Комити“. 

Седлоски се враќа во најлош момент во Вардар и поради тешката борба за опстанок што му претстои како „фенерџија“ само со 8 освоени бода по 13 одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига.