„Која земја ќе ја претставуваат со Тошкоски, Мисајловски и Муцунски во Вашингтон – Северна Македонија или ‘никогаш Северна, само Македонија’?“, праша Венко Филипче на Фејсбук во својот прв фронтален напад врз новиот премиер Христијан Мицкоски откога стана лидер на СДСМ.
Секое прашање до власта, посебно ако доаѓа од шеф на опозицијата, е легитимно. Освен ако го поставува еден од најблиските соработници на несудениот нобеловец кога ѝ го сменија името на државата спротивно на волјата на нејзиниот народ. Филипче, како дел од екипата околу Заев, може да оспорува или да критикува сè освен (не)употребата на придавката што безмалку тројца од четворица македонски граѓани ја чувствуваат како навреда.
За потсетување на Венко и на таквите како него со кратко паметење, 63,09 проценти од избирачите го бојкотираа пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Плус 37.700 гласачи или 5,82 отсто од тие што го искористија правото на глас се изјаснија против, а 19.230 ливчиња или 2,88 отсто беа неважечки.
Значи, 71,79 отсто (!) граѓани на Македонија со право на глас не ја одобрија промената на името. Згора, откога стана јасно дека народното изјаснување ќе (им) пропадне, на низа избирачки места, претежно во западниот дел од државата, се уриваа рекорди со гласање за неколку секунди во прилог на преименувањето.
И што сторија Филипче и компанија тогаш? Го игнорираа и заклучокот на Државната изборна комисија дека референдумот е неуспешен, и го погазија Уставот, не постапувајќи според законската обврска за почитување на највисокиот акт на непосредна демократија.
И сега, истите тие што треба да одговараат за тоа, си зеле слобода да ги обвинуваат за лицемерие оние што се обидуваат да балансираат меѓу волјата на суверенот во македонската држава и меѓународните обврски произлезени од незаконски наметнатата севернизација?! „Ма немој да ме јеб.. бре!“, што би рекол ненадминатиот Кирил Поп Христов – Кили во една од репликите што го обележаа култното филмско остварување „Тетовирање“ на Столе Попов.
Ај што не ѝ даде ни десет, а камоли сто дена, на новата влада според непишаното (џентлменско) правило за ненапаѓање откога ќе стапи на функција, Филипче не ѝ стапна на мозол само на неа, туку и на огромен дел од граѓаните. Наместо да ги анализира причините за катастрофалниот пораз на неодамнешните претседателски и парламентарни избори, пајташот на Заев, со кој шпартаа со квадови додека Македонија уриваше рекорди по смртност за време на пандемијата од коронавирус, пак им бркна в око на тие чија доверба се надева дека ќе ја врати.
Обвинувајќи го Мицкоски дека работел против членството во НАТО, остварено, според него, „благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ, кои тој ги бојкотираше“, најлошиот министер за здравство во историјата на Македонија во суштина ги обвини за тоа сите што им дадоа црвен картон нему и на неговата партија и пред шест години, и во мај годинава. Со тоа уште отсега си потпиша опозициска агонија со години, ако не и децении.






