СДСМ организира протест на наставници, СОНК се огради од партискиот собир

Утре на 1 септември СДСМ, преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје со почеток во 11.30 часот.



Под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците. Овој собир,  пред почеток на училишната година е  еден аларм, едно предупредување.Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска. Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат. Заедно да го искажеме незадоволството и да го кренеме гласот, да извршиме притисок врз власта за да ги промени погрешните политики, информираа од СДСМ.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 000 просветни работници, се огради од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието.

Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел.Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“, напиша Јаким Неделков, претседател на СОНК.