Социјалдемократскиот Сојуз на Македонијаденеска ќе го одржи 29. Конгрес на кој, според најавите, ќе се анализираат причините за изборните резултати.



Димитар Ковачевски на седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

„Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати“, информираше тогаш СДСМ.

На 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ, а кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.

Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни.

Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.