СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат тајни разговори

Двете најголеми партии водат разговори за откочување на политичката блокада, пишува „Независен весник“, според кој владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ на големо формираат работни групи кои треба да воспостават дијалог и да ги усогласат ставовите околу носењето повеќе закони за кои е потребен консензус или двотретинско мнозинство.



„Независен“ тврди дека некои од групите, наводно, веќе и одржале првични средби, иако официјално не можат да се добијат повеќе информации околу составот на групите, за тоа кои прашања точно ќе се разгледуваат и каде ќе се водат преговорите.

Весникот вчера побарал потврда за ова и од двете партии, но, иако им биле најавени одговори, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се повлекле поради наводен договор меѓу двете ривалски партии да не се изнесуваат во јавност детали околу разговорите.

Од она што може да се дознае, дел од законите што се на маса се однесуваат на реформите за правосудството, а во игра се и нови измени во Изборниот законик.

Неофицијалните информации говорат дека околу составот на работните групи во понеделникот вечерта се координирало раководството на СДСМ.

Неофицијално, не се исклучува ниту можноста во обидите за воспоставување политички дијалог, по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, да се вклучат и странски олеснувачи.

Потврда за тоа дека двете најголеми партии разговараат за можни измени во изборното законодавство дојде по иницијативата на Милошоски за распишување конкурс за избор на нов состав на Државна изборна комисија. Координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, посочи тогаш дека од ВМРО-ДПМНЕ се произнеле пред извесно време дека бараат разговори на ниво на работни групи за одредени законски измени.

Целата анализа на „Независен.мк“ на овој линк