На првата седница на новиот Централен одбор на СДСМ вечерва за нови потпретседатели на партијата се избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ, објави лидерот на партијата Венко Филипче.
- Состанокот помина во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор. Се избра новото партиско раководство, членовите на Извршниот одбор. Во партијата вечерва избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи, рече Филипче на прес-конференција.
Нагласи дека веќе имаат план за работа кој со многу силна енергија ќе почне уште од утре.
- Направен е план за посета сите општински организации и за комуникацијата со луѓето и начинот на којшто ќе допреме до членовите, симпатизерите, до оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект. Спремни сме да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови, симпатизери во процесот на креирање на политики, порача Филипче.
За генерален секретар е избран Александар Димитријевиќ кој доаѓа од општинската организација на СДСМ во Гази Баба. Поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова, член во Централниот одбор во СДСМ ќе бидат идни потпретседатели на СДСМ.

СДСМ вечерва ја одржа првата седница на новиот Централен одбор. На Конгресот што се одржа викендов во Скопје за нова заменик претседателка на СДСМ е избрана Фани Каранфилова Пановска.





