Тригодишно тешкоподвижно девојче болно од церебрална парализа било дискриминирано во една од најпосетените игротеки во Скопје.
Вработена во игротеката не дозволила мајката да остане да го држи девојчето додека седи меѓу играчките и останатите разиграни деца, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Како што дознава порталот Сакам да кажам таткото претходно најавил по телефон и добил дозвола мајката да го внесе болното девојче и да остане со него внатре, но кога дошле во игротеката, претпоставената ја избркала мајката.
Немоќното дете се вознемирило и почнало да плаче, родителите си го земале, си заминале и случајот го пријавиле во КСЗД.
На одење со расплаканото дете в раце, таткото најавил дека за овој настан ќе објави на социјалните мрежи, по што претпоставената кажала:„Ако, објавете!“.
„Се утврдува директна дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги од страна на посочената игротека од Скопје“, стои во одлуката на КСЗД.






