Деведесет отсто е завршена истрагата за нападот на Контролата на летање во М-НАВ на 4 јануари е сега  се чека уште известувањето од Еуроконтрол – како го видела тој напад и што значеше тоа за безбедноста на патниците во меѓународниот авиосообраќај над Македонија таа вечер, како и на тие што полетувале и слетувале од Скопскиот аеродром.



Порталот СакамДаКажам дознава дека имало сугестии од Вишото јавно обвинителство-Скопје врз истрагата во Основното јавно обвинителство-Скопје за да се смени кривичното дело Загрозување на воздушниот сообраќај, за кое се осомничени осумтемина сторители, меѓу кои е и Беким Незири – шеф на огранокот на ДУИ од Чаир.

Според претпоставените во Вишото обвинителство предводено од Мустафа Хајрулахи, немало докази дека во моментите на упадот во М-НАВ и во Контролната кула осомничените ја загрозиле безбедноста на авиосообраќајот.

Тие сметале дека можеби имало насилство, но не загрозување на воздушниот сообраќај, за кое кривично дело се предвидени високи затворски казни, дознава порталот.

На 4 јануари вратарите им ја отворија доброобезбедената рампа во дворот на М-НАВ на шестмина напаѓачи, по што поминаа 3 безбедносни зони и со картичката на вработениот Беким Незири влегоа во Контролната кула. Од неа извлекоа и истепаа контролор на летање, кој во тоа време бил на смена на работно место.