Свидерска: Од македонскиот јазик се изградени нашите души и љубовта кон него и татковината не значи дека сме помалку Европејци

„Ние со својот личен и колективен идентитет сме создадени од мноштво текстови, говори, писанија, преданија, зачувани писмено или усно. Личната и колективната меморија се исткаени од текст во текст, со јазик и низ јазик. Колку што е мал според бројот на говорители според поделбите и класификациите на современата наука, нашиот македонски јазик е голем во својата пројава во книжевноста. На ‘малиот’ македонски јазик се создава голема книжевност: голема по естетска вредност. Македонската книжевност допрва ќе го освојува светот и допрва ќе дава свој придонес во Големиот архив на историјата. Затоа македонскиот јазик треба да се заштити на сите рамништа и во сите области на општественото живеење.“ – вели д-р Славица Гаџова-Свидерска, поетеса, книжевна теоретичарка и лекторка по македонистика на Факултетот за странски јазици во Тирана, во својата колумна со наслов „Македонскиот јазик – материјал, од кој се изградени нашите души“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму, Гаџова-Свидерска пишува: Се поставува прашањето зошто да се чувствуваме мали, кога сме големи? Кој ни го наметна тоа чувство на малечкост и како да го вратиме чувството на величие, што ни припаѓа според сите мерила на човековото достоинство? Најпрво, треба да сфатиме дека љубовта кон своето не значи дека сме помалку космополити (граѓани на светот), или помалку Европејци: колку повеќе го сакаме своето, толку повеќе ќе имаме да му дадеме на светот наш сопствен влог во космополитизмот. Треба да сфатиме дека да ја сакаш својата татковина, да бидеш патриот, не е „простачки“, како што нѐ убедуваат и наведуваат одредени глобалистички дискурси на моќта. Тоа е наш долг кон татковината и кон јазикот.

Што треба да се направи? Македонскиот јазик треба да се заштити на сите рамништа и во сите области на општественото живеење. Македонскиот јазик треба да биде основа на образованието и терен, на кој не смееме да доживееме ниту еден пораз. Треба да се поддржат македонските автори, затоа што тие на јазикот му обезбедуваат траење после нас, тие ја шират македонската реч во светот и низ времето.

Треба да се поддржат лекторатите по македонски јазик во светот, затоа што тие овозможуваат културно и благородно ширење на македонската реч: создаваат нови говорители, нови обожаватели и нови читатели на македонскиот јазик. За сето ова треба темелна стратегија и вклучување соодветни луѓе на соодветните места. Треба да се направи добра стратегија од темелот до покривот, затоа што македонскиот јазик е жив мит, жива легенда. Пред се, македонскиот јазик е материјалот, од кој се изградени нашите души.