На покана од епископот на Делчевско-каменичката епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г. Марко, неврокопскиот митрополит Серафим од Бугарската православна црква (БПЦ) утрово ја водеше светата божествена литургија за Успение на Пресвета Богородица во истоимениот храм во Делчево.
Епископот Марко сослужуваше со митрополитот Серафим заедно со свештеници од Македонија и од Бугарија во присуство на стотици верници што ги исполнија црквата и нејзиниот двор за големиот христијански празник.
„Нека оваа литургија биде почеток на повеќе средби и радости. Секогаш сте добредојдени овде, а со радост следниот пат ќе ве пречекаат и во Македонска Каменица, да ги израдуваме и тамошните верници и таму да ја пренесете благодатта божја. Нека е за многу години“, рече епископот Делчевско-каменички.
Митрополитот Серафим се заблагодари за можноста заедно да го одбележат празникот Успение на Пресвета Богородица, потенцирајќи дека вратите на Неврокопската епархија на БПЦ ќе бидат секогаш отворени за заедничка служба меѓу двете свештенства.
На Илинден во храмот „Свети пророк Илија“ во благоевградското село Рилци во службата водена од митрополитот од Гоце Делчев (Неврокоп) се вклучија и архијерејскиот намесник на Делчевско-каменичката епархија, протојереј Александар Васев, како и јеромонахот Висарион Данчев.






