Светски македонски конгрес предлага Договор за траен мир со Грција

И покрај, како што ги нарече, расистичките изјави од вчера на солунскиот митрополит Антимос и на грчката министерка за Македонија и за Тракија, Марија Коља-Царуха, Светски македонски конгрес предлага македонско-грчко помирување и договор за траен мир меѓу Македонија и Грција.

„Светски македонски конгрес (СМК) со индигнација ги отфрла како расистички изјавата на солунскиот митрополит Антимос дека ‘Македонија значи Грција и Грција значи Македонија’ и изјавата на министерката за Македонија и Тракија, Марија Коља-Царуха од редовите на Независни Грци дека ‘Македонија е грчка и Македонија е Грција’ за време на осветувањето на водите и фрлањето на крстот во Бело Мире во Солун, а по повод вчерашниот празник Водици што се слави во Грција.



СМК смета дека партијата Независни Грци, лидерот на партијата и министер за одбрана Панос Каменос и Марија Коља-Царуха како министер за Македонија и Тракија, може да ‘веруваат дека Македонија е грчка и дека никој нема право да го користи ова име за свои цели’, но не смеат да заборават дека Грција, формирана во 1821 година, до 1912 година била под Олимп и дека за првпат во својата историја ја окупира Македонија во Балканските војни 1912-1913 година, вршејќи геноцид врз македонскиот народ што трае до денес.

И покрај сè и после сè, СМК предлага Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Грција што ќе ја замени македонско-грчката Времена согласност од 13 септември 1995 година и Декларација за македонско-грчко помирување, во која што ќе се каже дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации, во чија што основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации!

СМК и натаму бара безусловен крај на разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединети нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка ‘Република’ како јасна разлика од истоимената северна провинција на Република Грција и југозападна провинција на Република Бугарија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик ‘Republic of Macedonia’, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и на македонскиот јазик на англиски јазик ‘Macedonian people’ и ‘Macedonian language’, независно од историските хипотеки од Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ, кои сè уште траат (соодветно на Република Ирска и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска).

СМК очекува извинување од Атина за историските иопштествените неправди против Македонците во Грција, репарации за експлоатацијата на природните и археолошките ресурси од 1912 година, како и за штетите врз животите и имотите на Македонците во окупираните територии на Македонија, како и враќање на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913, Првата светска војна 1914-1918, Втората светска војна 1939-1945 и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година!“, соопшти СМК.