„На сегашнава влада ѝ недостасуваа идеи и работа во изминатиов период. Целта на владеењето на ДУИ-СДСМ беше само да се унакази животот во Македонија. Се наоѓаме денес во деликатен период и состојба. Од осамостојувањето на Македонија ова е втор случај претседателските и парламентарните избори да бидат одржани истовремено. На граѓаните им е најтешко. Македонскиот народ се наоѓа на крстопат меѓу популистичките приказни на власта и реалните ветувања. Македонскиот народ треба да го избере на патот, кој ја диктира иднината на земјата. Погрешниот избор би нанел неповратни последици врз нашето и онака кревко општество. Преку масовна излезност, преку гласачките кутии на 24 април и 8 мај гласајќи за ВМРО-ДПМНЕ, можеме да дадеме можност на нова гарнитура на политичари, кои ќе ја вратат демократијата и инклузивната, опфаќачка политика во Македонија.“ – вели генералниот секретар на водечката опозициска партија ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски во својата колумна со наслов „Мудроста, работата, предизвиците и алтернативата – Што ѝ е потребно на Македонија?“, која ја објави „Курир“.
Сајкоски пишува: Донесувањето на одлуки никогаш не е лесна обврска. Како да ја донесеме правилната одлука, како да ги распознаеме реалните ветувања од популистичките приказни на власта? Основно и најважно е наравоучението од минатото. Важно е да не ги повторуваме одлуките, кои ни нанеле штета. Штета е збор со исто значење за владеењето на ДУИ и СДСМ. Од почетокот до крајот. Штетни одлуки, штетни договори. Сета штета падна врз грбот на граѓаните.
Што ѝ е потребно на Македонија? Потребно ѝ е мудро водство, лидери со силно чувство за расудување, кои поседуваат способност сеопфатно да ги анализираат ситуациите, земајќи предвид повеќе перспективи и можни исходи. Во време на предизвици и криза потребни ни се лидери, кои остануваат смирени под притисок и кои би се потпреле на сопственото искуство и знаење, за да се справат со предизвиците. Потребно е првите личности на државата да имаат и самокритичност, кога предизвиците ќе го надминат нивниот капацитет за справување со нив да побараат помош и да примат сугестии.
За време на целиот мандат ДУИ-СДСМ, и покрај лошото справување со кризите, ниеднаш не побараа помош, ниту примија конструктивна критика и добронамерен совет од опозицијата. Целта на владеењето на ДУИ-СДСМ беше само да се унакази животот во Македонија.
Потребна e сеопфатна програма на проекти и нивна реализација. Тимот на ВМРО-ДПМНЕ ја подготвува програмата за избори во изминатиов период заедно со граѓаните. Целиот овој период посветено се набљудуваа клучните потреби на државата и жителите. Дел од проектите веќе се претставуваат на трибините низ Македонија. Наскоро ќе биде објавена целосно програмата за парламентарни избори и бирачкото тело ќе може да увиди дека во неа се содржани суштински важни проекти. Нема грандиозни ветувања кои се убави за читање и претставување, но за чие спроведување можностите се научна фантастика. Тоа се популистички приказни, кои имаат за цел да го сервираат тоа што јавноста ѝ е убаво да го конзумира.
Но реалноста е сосема поинаква. Потребите се далеку од грандиозните предизборни ветувања на одредени политички партии, кои не ги согледуваат можностите за нивно спроведување. Но, мали или големи ветувања, сепак, за нивно остварување е потребна стабилна и ефективна влада, која ќе обезбеди владеење на правото и која ќе ги штити индивидуалните права, промовирајќи политичка стабилност. Влада што може да ги надмине сите предизвици и која ќе донесе надеж за македонските граѓани.
Периодов што следи потребно е несебично вложување и работа од страна на сите одговорни, на сите рамништа, почнувајќи од највисоките функциониери па до рамниште на помошно-техничкиот персонал во јавните институции. Потребна е работа ослободена од корупција, кронизам (пракса на пристрасно доделување работи и други погодности на пријателите, или на проверените колеги во политиката, меѓу политичарите и организациите, што ги поддржуваат, како и именување пријатели на позиции на власта, независно од тоа какви квалификации имаат), непотизам (роднинство) и секаков вид на дејствување во сопствена полза.Затоа укажуваме но и прашуваме: дали постои алтернатива?
Она што ѝ е потребно на Македонија се наоѓа токму во нас. Изборите и нашето покренување е клучот во битката против самовладеењето. Го имаме и денот кога можеме да ја тестираме и ние самите тезата за моќта на народот. Преку масовна излезеност, преку гласачките кутии на 24 април и 8 мај, гласајќи за ВМРО-ДПМНЕ, можеме да дадеме можност на нова гарнитура на политичари, кои ќе ја вратат демократијата и инклузивната, опфаќачка политика во Македонија.
Ајде колективно како нација да докажеме дека нашиот интелект не е за потценување. Да кажеме дека сме свесни, оти гледаме и ја паметиме целата неправда, која ни е нанесена. Да одбереме мудри лидери за промена, кои овој пат навистина ќе го остварат тоа, што го ветиле.





