Сашко Коцев со возило удрил полицаец, актерот негира

Актерот Сашко Коцев ги негира обвинувањата дека удрил полицаец во центарот на Скопје, како што стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.



„Не сум прегазил полицаец, јас воопшто не знаев дека тоа е полиција“, вели актерот за Плусинфо за настанот кој се случил кај хотелот „Мериот“ откако претходно ја оставил сопругата во близина.

Според Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 27 јануари вечерта, околу 19.15 часот, на подрачјето на Центар, кога Коцев, управувајќи со возило „Фолксваген“, не застанал на знак за запирање даден од полицаец кој извршувал службени дејствија.

Нагласено е дека Коцев агресивно се однесувал, по што го удрил полицискиот службеник со возилото и го напуштил местото на настанот.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Коцев за Плусинфо изјави дека на лицето кое му пришло и му наредило да си замине, му поставил прашање за тоа кои се тие што ја затвораат улицата.

Според неговите зборови, лицето му одговорило „Сега ќе видиш кој сум“, а потоа стоел пред возилото.

„ Во моментот, моето дете почна да плаче поради стравот, а јас само ја подигнав ногата од кочницата и возилото се придвижи дека е автоматик. Јас не возев 200 па да сум удрил или повредил некого. Кога возилото полека се придвижи лицето се поттргна и јас си продолжив да возам. Информацијата што ја прочитав на некои портали беше невистина. Немав никаква намера да повредам или да прегазам некого“, изјави Коцев за Плусинфо.