САД сакаат да повлечат 10.000 војници од Европа!?

Пентагон го разгледува предлогот за повлекување до 10.000 американски војници од Источна Европа, што предизвика загриженост кај американските и европските претставници, објави NBC News, повикувајќи се на извори запознаени со планот.



Ова е дел од силите распоредени од американската војска по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Потоа, администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците долж украинската граница.

Според NBC, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.

Дискусијата за намалување на военото присуство доаѓа, според американски извори, додека Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина.

Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана бидејќи Вашингтон сака да ги префрли воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.

Во февруари, новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на неговата прва надворешнополитичка посета на Брисел, изјави дека „стратешките околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“. Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.

Според Ен-Би-Си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се смета како знак за американско повлекување од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.

„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

Бен Хоџис, пензиониран генерал кој командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослабне одбранбените способности: „Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.