Соединетите Американски Држави и повеќето земји од Европската унија денеска ќе ја бојкотираат церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин, кој неодамна доби нов шестгодишен мандат.



Сепак, се очекува дека Франција и некои други членки на ЕУ сепак ќе испратат свои претставници и покрај противењето на Киев.

Владимир Путин извојува убедлива победа на претседателските избори во март, одржани само неколку недели по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Владите на западните земји го осудија неговиот реизбор како нефер и недемократски, а истиот став го има и Украина.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер соопшти дека нема да имаат свој претставник на инаугурацијата.

„Ние во никој случај не ги сметаме изборите во Русија за слободни и фер, но Владимир Путин ќе остане руски претседател и во наредниот период“, рече тој.

Канада соопшти дека ќе ја прескокне и церемонијата, која доаѓа само еден ден откако Русија објави дека ќе одржи тактички вежби со нуклеарно оружје со цел да ги „олади вжештените глави на Запад“.

„Украина не гледа правна основа врз која Путин може да биде признаен како легитимен и демократски избран претседател на Руската Федерација“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Русија ги покани шефовите на сите странски дипломатски претставништва во Москва на инаугурацијата, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на висок функционер на Кремљ.

На церемонијата нема да присуствува ниту амбасадорот на Европската унија во Русија, што е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на ЕУ.

Дваесет земји од Европската унија ќе ја бојкотираат инаугурацијата на Путин, но останатите седум се очекува да испратат свои претставници.

Покрај Франција, делегати на инаугурацијата треба да испратат и Словачка и Унгарија, велат два извори од редовите на европската дипломатија.

„Не сме во војна со Русија и рускиот народ и немаме барања за промена на режимот во Москва“, изјави вчера францускиот претседател Емануел Макрон.

Извор од Париз наведува дека Франција и претходно го осуди одржувањето на избори во услови на репресија и негирање на гласачите можноста за вистински избори, како и спроведување избори на окупираните украински територии, што Франција го смета за кршење на меѓународното право.