САД загрижени за можен грчко-турски инцидент во Егејот

По најновите тензии што почнаа во неделата, кога грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, положи венец на местото каде што тројца грчки офицери загинаа во хеликоптерска несреќа за време на кризата на островот Имија во 1996 година, реаграше и официјален Вашингтон преку американскиот амбасадор во Атина.



„Америка е загрижена за можен ‘инцидент’ помеѓу Грција и Турција во Егејот“, рече амбасадорот Џефри Пајет во интервју за грчката „Скај ТВ“.

Турски бродови во неделата, наводно, го спречиле обидот на министерот Каменос да стигне до островот за кој спорат двете страни, грчката морнарица ги отфрли тврдењата на Турција, тврдејќи дека министерот положил венец според планираното.

„Додека ги имате овие смртоносни комплексни воени системи што оперираат блиску еден до друг, секогаш постои ужасен ризик од инцидент, што секако ќе предизвика големи компликации во односите“, изјавил амбасадорот Пајет.

Островот Имиа, (всушност две мали островчиња) со површина од 4 хектари се наоѓа во Егејското море оддалечено 10, односно 4,6 километри од грчките острови Калимнос и Кололимнос и на 7 километри од турскиот брег во близина на Бодрум.

Во 1996 година, меѓу Грција и Турција изби сериозна криза поради спорот за територијалната надлежност вез островот Имиа во архипелагот Додеканеди во Егејското Море. Во близина на островите, кои Турците ги нарекуваат Кардак, бил насукан брод чиј капетан побарал помош од турските власти, а не од грчките. Грција го оцени навлегувањето на турските спасувачки екипи во овие територијални води како акт на агресија.

Кризата се разгорела откако турски новинар кој исто стигнал на островот, го симнал грчкото и го поставил турското знаме.