„Предавство и злосторство се активностите на нашата комисија за историски прашања меѓу Бугарија и Македонија, која им призна на Бугарите дека цар Самоил не бил Македонец, туку Бугарин, а исто така и за светите Климент Охридски и Наум Охридски. ‘На пат биле’ и Охридската архиепископија да им ја ‘подарат’ на Бугарите. Ако им успееше и ова, Македонија и пошироко ќе беше под бугарска духовна и културна управа. Бугарија страда од ‘македонскиот синдром’ уште откога е создадена како држава. Бугарите нема да се откажат никогаш од своите ставови и империјалистички нагони да ја ‘проголтаат’ Македонија! Нашиот народ заслужува многу повеќе почит и достоинство отколку што нудат ваквите ‘комисии’ и ‘договори’.“ – нагласува пензионираниот професор по медицина Самуел Колономос Садикарио во својата колумна со наслов „Историска комисија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Садикарио пишува: Јавноста имаше многу малку информации за деталите од работата на нашата комисија за историски прашања меѓу Бугарија и Македонија. Нејзиниот поранешен претседател Драги Ѓоргиев изјави дека бугарската влада во тоа време не била фашистичка, туку само административна. Тоа е големо понижување за Евреите од Македонија и за целиот свет и голем срам за нашата држава. Некои нивни членови и нивни пријатели ме убедуваа дека и царот Борис Трети не бил фашист. Срам да им е! Јас реагирав и тогаш, но никој не го забележа тоа.
Моето семејство, вкупно околу 200 лица, е целосно ликвидирано во концентрациониот логор Треблинка во 1943 година од германските нацисти. Апсењето и депортацијата ги изврши бугарската фашистичка армија, по налог на царот Борис Трети, премиерот Богдан Филов и началникот за еврејски прашања Георги Белев.
Моите родители преживеаја, бидејќи беа партизани. Сепак, татко ми беше во бугарскиот концентрационен логор во Плевен, а такви имаше повеќе во Бугарија. Нив ги ослободи Црвената армија, а не „големите спасители“ Бугарите, како што се фалат, лажејќи по светот, а светот за срам ги поддржува. Ниско и бедно. Бугарија никогаш не се извини за еврејскиот геноцид, каде што беше клучен сојузник – што е услов за влегување во Европската Унија.
Нашата историска комисија им признала на Бугарите дека цар Самоил не бил Македонец, туку Бугарин, а исто така и за светите Климент Охридски и Наум Охридски. „На пат биле“ и Охридската архиепископија да им ја „подарат“ на Бугарите. Но се побуни Македонската православна црква и тоа беше спречено. Ако им успееше тоа, Македонија и пошироко ќе беше под нивна духовна и културна управа. Тоа е показател, како во провоодделенска читанка, дека Бугарија има империјалистички стремежи и надвор од Македонија, сè до јадранско-јонската морска зона. Тоа е првата причина зошто врши асимилација и во Албанија со помош на „ментор“, или „ментори“.
Овие гестови на комисијата се предавство и злосторство!
Сепак, велат дека некои членови се спротивставиле и тие заслужуваат почит. За поздравување е тоа што Владата на Македонија ја смени историската комисија, иако со извесно задоцнување. Таква комисија воопшто не треба да постои. Но ако комисијата мора да постои – тогаш барем сите членови да бидат историчари, по можност еден до двајца врвни дипломати, угледни професори и оние, што ја сакаат својата татковина Македонија. Да не биде политичка и формална, туку професионална и достојна. Странски член познат историчар би бил многу пожелен, заради поголема објективност и арбитража, под услов да не биде априорен „бугаронастроен“.
Но дури и новата комисија да биде „тврда“ и отпорна на бугарски и наши притисоци, има и други опасности. Наши и странски експерти тврдат дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија има големи стапици во протоколите, особено , барем до 1945 година, за историјата дека е „заедничка“ и оти нема македонски јазик, што е зацементирано во бугарското Собрание. Тоа е влезено „како вирус-ензим“, заедно со барањето за уставни промени, со надеж дека новата влада ќе „легне на брашно“, или оти ќе дојде нова по желба на Бугарија.
Бугарија страда од „македонскиот синдром“ уште откога е создадена како држава. Бугарите нема да се откажат никогаш од своите ставови и империјалистички нагони да ја „проголтаат“ Македонија. Нашиот народ заслужува многу повеќе почит и достоинство отколку што нудат ваквите „комисии“ и договори.






