Руска кампања со лажни вести ја поддржува крајно-десничарската AfD

Русија води кампања за дезинформации чија цел е да ја поддржи екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), поткопувајќи ги главните политички партии во земјата и сее економска вознемиреност пред изборите на 23 февруари, објави германскиот истражувачки институт CeMAS, цитиран од Ројтерс.



Според извештајот на CeMAS, стотици објави на германски јазик на платформата X (поранешен Твитер) биле следени во минатиот месец, кои покажуваат типични карактеристики на кампањата за дезинформација „Doppelgänger“ организирана од Русија.

Оваа кампања, создадена по руската инвазија на Украина во 2022 година, има за цел да ја поткопа западната поддршка за Киев со ширење врски до лажни западни вести и дезинформации, се вели во извештајот на германското Министерство за надворешни работи.

Објавите го критикуваат канцеларот Олаф Шолц за неговата поддршка за Украина и ја поткопуваат довербата во конзервативците, но изразуваат поддршка за АфД.

Објавите шират линкови до лажни германски сајтови за вести или автентични медиуми со искривен контекст, како и слики што го поддржуваат нивниот наратив.
Имало над 2,8 милиони прегледи преку мрежи на лажни сметки.

Според најновата анкета на INSA, конзервативците водат со 29%, додека AfD има 21% што е двојно повеќе од нивниот резултат во 2021 година.
Социјалдемократите на канцеларот Шолц заостануваат со 16%, а Зелените имаат 13%.

Зголемената поддршка за AFD може да го отежне формирањето коалиција и да го комплицира владеењето, доколку партијата успее да ги блокира клучните одлуки.