Руска амбасада: Тврдењата на Заев се неосновани и недозволиви

Амбасадата на Руска Федерација во Република Македонија ги нарече „неосновани“ и „недозволиви“ изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за црногорското радио Антена-М.



„Со зачуденост и загриженост истакнуваме дека во тоа интервју, во контекстот на минатогодишните настани во Црна Гора, шефот на македонската Влада, повикувајќи се на некои ‘рапорти’ и ‘аналитичари’, намерно или не, ја претстави ситуацијата на тој начин дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за ‘ликвидација’ и подготвувала такви акции против самиот господин Зоран Заев. Категорично изјавуваме дека ваквите тврдења се неосновани и ги сметаме за недозволиви. Со жалење констатираме дека тие ја уриваат атмосферата на доверба меѓу нашите две земји, ѝ нанесуваат штета на повеќегодишната заемно полезна соработка и се косат со декларираната подготвеност од страна на Скопје за градење конструктивна соработка со Русија, желба за развој на пријателските односи меѓу нашите две земји“, соопшти руската Амбасада во Скопје.