Русија и Кина очекуваат „во блиска иднина“ да потпишат договор за гасоводот „Моќта на Сибир 2“, кој ќе носи руски гас до Кина. Ова го изјави рускиот вицепремиер Александар Новак, цитиран од „Ројтерс“.



Москва со години преговара за изградба на најавениот гасовод, кој би пренесувал 50 милијарди кубни метри природен гас годишно од регионот Јамал во северна Русија до Кина преку Монголија.

„Планираме дополнително да го завршиме прегледот и да потпишеме договор за изградба на гасовод со капацитет од 50 милијарди кубни метри гас низ територијата на Монголија во блиска иднина“, рече Новак, осврнувајќи се на Power of Siberia 2.

Тој истакна дека Москва и Пекинг работат и на „други нови проекти“.

Москва очекува Кина да ја замени Европа како нејзин главен клиент на гас.

Гасоводот долг 2.600 километри може да носи 50 милијарди кубни метри гас годишно – нешто помалку од сега веќе непостоечкиот гасовод „Северен тек 1“, кој ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море.

Првиот гасовод „Моќта на Сибир“ се протега на 3.000 километри низ Сибир и во североисточната кинеска провинција Хејлонгџијанг.