Русија подготвува нов напад со 50.000 војници

Русија трупа околу 50.000 војници, вклучително и севернокорејските сили, како подготовка за започнување офанзива чија цел е враќање на територијата заземена од елитните украински војници во руската област Курск, потврдија американски и украински официјални лица за Њујорк Тајмс.



Руските сили сакаат да ја вратат територијата што Украина ја зазеде во Курск оваа година.

Досега со ракети и артилериски оган ги напаѓаа украинските позиции во Курск, но се уште не извршија голем напад, соопштија американските власти.

Украинските власти велат дека во наредните денови очекуваат напад во кој ќе учествуваат севернокорејските сили, кои моментално се обучуваат со руски војници во крајниот западен дел на Курск.

Се наѕира руско-севернокорејска офанзива додека новоизбраниот претседател Доналд Џеј Трамп се подготвува повторно да ја преземе функцијата со, како што вели, целта за брзо завршување на војната.

 

Трамп не кажа како планира да го реши конфликтот, но новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс изнесе план кој ќе и овозможи на Русија да ја задржи територијата што ја зазеде во Украина.