Москва во понеделникот објави дека ќе одржи воена вежба која ќе вклучува обука за употреба на тактичко нуклеарно оружје како одговор на изјавите на западните претставници кои руското Министерство за одбрана ги опиша како провокативни закани, објави Ројтерс.



Вежбата е наредена од претседателот Владимир Путин и има за цел да ја тестира подготвеноста на нестратешките нуклеарни сили на Русија за извршување на борбени мисии.

Ќе се обучува распоредување и подготовка за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје.

Министерството за одбрана на Русија објаснува дека тоа е насочено кон гарантирање на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата „како одговор на провокативните изјави и заканите на некои западни претставници против Руската Федерација“.

Имиња не се наведуваат, но Русија постојано повторува дека забелешките на францускиот претседател Емануел Макрон за можна француска интервенција во Украина се крајно опасни.

Русија вели дека САД и нивните европски сојузници го туркаат светот на работ на нуклеарна конфронтација поддржувајќи го Киев со оружје во вредност од десетици милијарди долари во борбата против руските сили кои ја нападнаа Украина во февруари 2022 година.