„Сакам да одам во Брисел и да го претставувам романскиот народ со исправена глава, исправен, а не на колена!“ – изјави романскиот претседателски кандидат Калин Георгеску во интервјуто, што го даде за информативниот портал „Политико“ од Брисел, откако победи во првиот круг на претседателските избори на 24 ноември во неговата земја. „Политико“ го објави ова интервју со наслов „Романскиот Трамп го поставува својот нишан кон странските компании“ “. Вториот круг на претседателските избори ќе се одржи таму на 8 декември 2024 година. Георгеску e помалку познат политичар од екстремната десница. Него го следат обвинувања дека „шири пораки против ЕУ и НАТО“ и оти е „приврзаник на рускиот претседател Владимир Путин“
Калин Георгеску, романскиот “Трамп“, сака „да им ја врати Романија на Романците“
Во обид да ја направи „Романија повторно голема“ Георгеску планира „иницијатива за национална самодоволност, чија цел е големите странски компании кои работат во земјата“ – пишува „Политико“ во воведот на интервјуто со „ултранационалистичкиот претседателски кандидат“, како што го нарекува Георгиеску. Тој победи во првиот круг од претседателските избори во Романија делумно благодарение на неговата кампања да ја направи земјата помалку зависна од меѓународните компании во областите како што се храната, водата и енергијата.
Победата на „романскиот Трамп“ предизвика стравувања околу позицијата на Романија во ЕУ и НАТО. Неговото непријателство кон инвеститорите во рамките на европскиот единствен пазар сега ќе предизвика тревога во Брисел. Во интервјуто „љубителот на рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп“, како што го опишува „Политико“, ја истакнува својата „фрустрираност поради мултинационалните компании во Романија“.
„Ако јас денес плаќам вода денес, како и романскиот народ, знаете ли за кого плаќам? Ѝ плаќам на француска компанија која не инвестирала, нема инвестирано ниту една шајка, туку собира пари. Ѝ плаќам природен гас на странска компанија. Плаќам и струја на странска фирма. Купувам бензин, мојот бензин, а на кого да платам? Повторно на странец.“ – вели Георгеску.
Тој изнесува дека, како и во многу источноевропски земји, „имотот на Романија бил незаконски продаден во матниот бран на приватизација по падот на комунизмот“. Ветува дека „ќе ги искористи првите 100 дена, за да го врати тој имот“. „Сакам романскиот народ,Романците да бидат сопственици на имотот во својата земја, а не странците.“ – нагласува Георгеску.
Улогата на странските инвеститори долго време е чувствително прашање во земјата, според Политико. Во последниве години, Букурешт побара големите странски супермаркети во Романија, на пример, да ги складираат своите рафтови со романски производи – потег што покрена борба со Брисел и меѓународните трговци на мало околу правилата на единствениот пазар на ЕУ.
„Романија прва, на прво место (заедно со Трамп)“
Калин Георгску целосно го прифаќа Доналд Трамп како „модел за неговиот понационалистички нагон за економијата“. „Се работи за визијата – тоа е она што сакам да се напише – визија за мир и визија за тоа како беше Америка прва, на прво место, како треба и Романија треба да биде прва, на прво место.“ – напомнува Георгеску.
Иако го обвинуваат дека е „проруски настроен“ и оти ја „загрозува позицијата на Романија во ЕУ и НАТО“, Георгиеску преку интервјуто одговара на овие обвинувања дека е „трансатлантичар во душата“. „За мене и за мојот народ најважно е партнерството со Америка.“ – посочува тој.
На прашањето за членството на Романија во ЕУ и НАТО вели дека „сака да испегла некои од двојните стандарди“ . „Земјите од Јужна и Источна Европа долго време се жалат дека големите земји како Франција имаат повластен третман во ЕУ. Некои земји се поприсутни и се во предност, а други земји се помалку присутни. Сакам да одам (во Брисел) и да го претставувам романскиот народ со крената глава, исправен, а не на колена!“ – истакнува овој кандидат за највисоката политичка позиција во Романија.
Агенцијата за испитување на јавното мислење CURS му дава на Георгеску „силна предност“ во вториот круг на 8 декември 2024 година, предвидувајќи дека ќе освои 57,8 отсто од гласовите.





