Ристова-Астеруд со нова лекција за Законот за јазици, на ред Vacatio Legis

Експратеничката на СДСМ и професор на Правен факултет во Скопје, Каролина Ристова-Астеруд, продолжува со јавните лекции во кои објаснува во кои делови Законот за јазиците е неуставен.



Во новата реакција таа објаснува дека Законот е неуставен и поради тоа што тој влегол во сила пред да измине периодот наречен Vacati legis, кој важи за сите новоусвоени закони.

ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА НЕУСТАВНОСТА
НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ 2018

НЕУСТАВНОСТ БР. 2: СТАПУВАЊЕ ВО СИЛА БЕЗ „ПОЧЕК НА ЗАКОНОТ“ (VACATIO LEGIS)

Според членот 52 од Уставот на РМ, законите се објавуваат во „Службен весник“ најдоцна седум (7) дена од денот на донесувањето, а влегуваат во сила НАЈРАНО осмиот (8) ден од денот на објавувањето, но, ПО ИСКЛУЧОК, што го УТВРДУВА СОБРАНИЕТО, може да влезат во сила и со денот на објавувањето.

Тежината и значењето на оваа и ваква уставна одредба се гледа од местото што истата ја има во систематиката на Уставот – се наоѓа во делот на „ГАРАНЦИИ НА ОСНОВНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА“. За разлика од ова што вели Уставот, ЗУЈ 2018, во член 25 предвидува дека овој закон „влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на РМ„ (значи, како по „исклучок“), но во приложеното објаснување на владиниот предлог- законот до Собранието (сега „изгласан„ веќе и под вето) НЕМА АМА БАШ НИКАКВО објаснување или образложение зошто Владата бара од Собранието да утврди некаков „исклучок“ и кој /зошто би бил тој исклучок. Како што налага уставот, Собранието за да донесе закон кој влегува во сила „со денот на објавувањето„ треба и да го утврди исклучокот од уставното правило за влегување во сила „најрано 8 дена од денот на објавувањето.“

Ова дотолку повеќе станува нејасно кога се работи за закон/и кои се со голема сеопфатност, подразбираат големи промени и подготовки во правниот поредок и реалноста, како и повлекуваат сериозни финансиски импликации. А ако ја тргнеме настрана за момент сета друга неуставност во содржината на ЗУЈ 2018, и да претпоставиме дека е уставен, неговата содржина е токму таква: сеопфатна, прави големи интеревенции во системот, повлекува големи финансиски импликации, бара големи подготовки, итн.

Вообичаено, и кај нас, но и споредбено, за таков тип на закони, дури и кога се уставно непроблематични, се предвидуваат периоди од 6 месеци, 12 месеци, итн. за нивно влегување во сила (сетете се колкав беше „почекот на законот“ во однос на фискализацијата, ограничувањето на местата каде може да се пуши, итн.).

Се на се, ова е еден од најочебијните и најшколските примери за неуставноста на ЗУЈ 2018! Од сето ова што го прочитаа досега, верувам дека на граѓан(к)ите им е јасна оваа и ваква неуставност, но можеби не им е јасно до кој степен е неговата тежина, до кој степен е упадот во уставниот поредок, а последователно за се другото во реалноста на нивното живеење. Со други зборови, да не си мислат случајно дека ова е некаква „правна педантерија“ или „правна техникалија“, битна само за оние по занаетот на правото.

Најпрво, за оние заинтересирани за надградување на својата правна култура и знаење, да им укажам дека во цивилизираното право, овој период од денот на објавување до денот на стапување во сила се вика „почек на законот“, односно, правнички – vacatio legis.

Дополнително, значењето на „почекот на законот“ правно-поетски знае да биде нагласено и како еден од основните императиви на т.н „внатрешна моралност на правото“ и како „процесно природно право“. Сето тоа со значење на корпус на права што ги имаат индивидуите од Природата и „од раѓање“, по самата своја човечка природа, и без/пред да се постои државата и нејзиното позитивно право; за разлика од т.н граѓански/државјански права, државата/политиката не ги измислува и создава овие и вакви природни права, не им ги дава и подарува на граѓан(к)ите, туку има само мандат да ги гарантира и штити.

Во таа смисла, јасна е инспирираноста, следењето и отелелотворувањето на овие гледишта и во нашиот устав и од страна на нашиот уставотворец во членот 52 и местото каде овој член се нашол во уставот, односно токму како гаранција за правата и слободите.

Е сега, зошто е толку важен „почекот на законите“ за да се најде таму и на тоа место во Уставот? Зошто влегува во „гаранциите на основните слободи и права„? Функцијата и целта на тоа е тројна. Прво, граѓанството мора да добие минимално пристојно време за да биде информирано за содржината на новите закони, за да дознае кои му се правата, кои му се обврските по тие нови закони, кои се последиците (санкциите) од нивно непочитување.

Секако што е тоа „минимално пристојно време“ е правопропорционално зависно од се она што претходно пишав (сложеност, сеопфатност, темелни подготовки што се потребни, финансии што се потребни, промени што ќе настапат по влегувањето во сила на новите правила…)

Второ, граѓанството , односно сите субјекти на правото, независно дали се физички лица(индивидуи), правни лица (дуќани, компании, и сл.), а и самата држава, да се подготват за примената, и така подготвени, да можат да го применат новото законодавство, новите правила, оти, нели, мора да има „владеење на правото“.

Дотолку повеќе што по влегувањето во сила на законите (всушност, на сите општи правни правила), стапува едно друго правило и начело на правото, клучно за оддржување на самото право како такво, а тоа е познато како „непознавањето на правото штети“ (за правниците познато ignorantia juris nocet), што ќе рече, дека последователно ниеден субјект на правото не може да се „вади“ на тоа дека „не ги познава законите“ и на „јас не сум од тука“, дури и кога навистина е така.

Трето, следствено од првото и второто, почекот на законот, заедно со други некои правни императиви и начела во однос на неговото донесување (други аспекти на легалноста, на демократичноста, на слободата) обезбедуваат поголема веројатност за доброволно почитување на правниот поредок, што секако е најпосакуваната и најприоритетната варијанта за секое цивилизирано право и за секој мудар законодавец.

Значи, на умниот, мудар, демократски и слободарски ориентиран законодавец не му е прв приоритет почитта на законодавството да ја обезбедува со закана со санкција или со самата санкција, што секако е неизбежна крајна варијанта и карактеристика на правото („ако неќеш со арно, одиме со присила„), туку како да обезбеди кај мнозинството граѓанството пристап и логика на „почитувам, оти е тоа добро за мене, оти се согласувам, а не затоа што има „полицаец“ во заседа или затоа што државата се крие и демне зад секое ќоше“.

Јасно, ваквата доброволна примена на правото го прави правниот поредок многу пофункционален, поефективен, похармоничен, и над се – многу поефтин, многу поекономичен. Сето ова, само за од материјалниот аспект, да не збориме за нематеријалните и „метафизичките“ кактегории од типот на време, здравје, нервози, страв, тензии, конфликти, други негативни емоции и страсти, и сл. во меѓучовечките односи.

За разлика од ова, т.н хетерономна примена на правото (почитување под закана за санкција) и т.н присилна примена (ефектуирање на правните правила со примена на санкција/казна) се далеку поскапи и покомплицирани варијанти на функционирање и примена на правото, на сета правна и државна машинерија, нешто што е уште поголем императив во сиромашни општества, каде парите ( но и умот, креацијата, времето и енергијата) во општеството можат да се пренасочат на попаметни работи за доброто на граѓанството, индивидуално, колективно, како општо добро.

Се на се, „почекот на законот“ не е некаква правна педантерија, не е некаква правна техникалија, не е некакво „правило за да ме удави“, туку баш – гаранција за основните слободи и права. Баш како што вели Уставот на РМ! Баш како што спротивно е направено со ЗУЈ 2018, кој најфлагрантно ја повредува оваа и ваква уставна гаранција. И сето тоа со ЗУЈ 2018 се прави со голема доза на цинизам и ароганција, со голема и нечесна лага, оти,нели, претендира да се разбере како некаков си закон „за унапредување на права“, ни помалку ни повеќе!