Римејк на култниот „Точно на пладне“ денес во живо пред „Манда“

 

Истекуваат последните часови пред најавената „блиска средба“ која преку социјалните медиуми ја најавија видни македонски новинари. Но, со секоја минута расте и неизвесноста дали до размена на тупаници и навистина ќе дојде, зашто од штабовите на учесниците нема ни потврда ниту најава за откажување на присуството.



Јавноста со неверување, но и со шеги и смеа ја следи несериозната комуникација и ниско ниво на култура што го демонстрираат личности кои се сметаат за интелектуалци и креатори на јавното мислење.

На социјалните мрежи се појавија дури и коментари дека граѓани вчера протестирале пред обложувалниците низ земјата, бидејќи во „Златна копачка“ и „Спорт лајф“ одбивале да примаат облози за исходот на тепачката.

„Експрес.мк“ дознава дека во МВР од вчера се прават грчевити подготовки како да се интервенира за време на физичка пpесметка.

Една од опциите е да бидат испратени екипи од униформирани полицајци или од единицата Алфа кои што ќе бидат во непосредна близина на средбата и ќе можат да интервенираат доколку дојде до нарушување на јавниот ред и мир.

Министерството законски не може да ја забрани блиската средба меѓу Бранко Геровски, уредник на весникот Слободен Печат и порталот Плусинфо со некогашниот новинар Тодор Пендаров кои што, според најавите, треба физички да се пресметаат денес точно на пладне пред кафулето Манда на некогашниот пливачки ас Александар Маниќ – Манда.

Најавата за тепачка дојде по преписката меѓу Геровски и Пендаров во која покрај другите разменети навреди вториот споменал дека сопругата на уредникот на Слободен Печат била дел проектот Фабрика во кој, во времето на Бучковски, активни новинари по работното време во своите редакции работеа за владата подготвувајќи прашања и одговори за актуелни теми.

Откако Геровски во преписката го обвини и Љупчо Палевски како инспиратор на говор на омраза кон него, некогашниот претседател на скопскиот СДСМ, а сега предмет на истрага на СЈО, најави дека ќе преземе физички активности против Геровски.

Во една од преписките на Фејсбук Геровски индиректно им се закани на Палевски и на групата новинари кои со години се собираат во кафето Манда со зборовите ” МАМИЧЕТО МАМИНО ЌЕ ИМ ГО РАСПЛАЧАМ на тоа Баграта во Манда ……..”

Многу новинари и фоторепортери најавија дека ќе го проследат физичкото соочување.