Речиси половина од пратките по пошта не стигнуваат навреме

 

Само 59,7% од пратките до граѓани и фирми биле доставени навремено, покажува ревизорскиот извештај за работата на македонска „Пошта“ за 2023 година, што е далеку под пропишаните стандарди.



Дополнително, откриени се неправилности во управувањето со имотот и јавните набавки, како и зголемување на платите на менаџментот, иако друштвото е во финансиска криза, дознава „Телма“.

Ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на финансиската стабилност и квалитетот на услугите.

Согласно ревизорскиот извештај, друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 3.726.000 евра е забележана во 2022 година.