Нескриено задоволство во целиот наш табор и ни сенка жал за пропуштеното во финишот, кога Стојанче Стоилов промаши „зицер“ за комплетна сензација против Германија на Европското првенство во Хрватска.



Но, Македонија е одушевена и од ремито 25-25, а тоа не го криеше најзаслужниот за овој висок лет на Македонија на 13. ЕП, Раул Гонзалес.

„Јас сум многу задоволен, играчите дадоа сè од себе, одигравме многу добар натпревар. Добро се соочивме со притисокот. Сакавме да бидеме први и го остваривме тоа. Утре ќе имаме одмор, па потоа ќе видиме“, вели селекторот, кој беше видно расположен.

Шпанецот не сме го виделе во вакво расположение и отворено задоволство од јуни, кога Вардар ја освои Лига на шампиони, а на својот препознатлив македонско-шпански додава дека сè е според желбите.

„Чудим много кога до крај имаме три бода. Не е сè и до резултатот, јас сум презадоволен како се покажавме на терен“, симпатично рече нашиот најуспешен ракометен селектор во прва фаза на европските шампионати.