Рамиз Мерко денеска на две судења

Во Основниот суд во Струга денеска во две одвоени рочишта, ќе продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, јави МИА.



Струшкиот градоначалник е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави поради вмешаност во корупција.

Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата.

Инаку, судскиот процес за набавката на „ауди-то почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината.

Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

Со сослушување на сведоците треба да продолжи и судскиот процес за поставена плоча на влезот на општинската зграда. Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.

Мерко за ова дело пред судот се изјасни дека не се чуствува виновен.

За поставената плоча на Општинсата зграда во Струга, Комисијата за заштита од дискиминација утврди дека Мерко со своите постапки предизвикал продолжено вознемирување кај жителите на општината.