„Пристапот на Албанија во ЕУ е блокиран поради несогласувањата меѓу Македонија и Бугарија. Користењето на вашето место во ЕУ како потпора против вашите соседи е најантиевропското нешто што може да се замисли“, рече албанскиот премиер Еди Рама на панел-дискусија „Балканот во фокус“ во рамките на 60. Минхенска безбедносна конференција, пренесе „Сега.бг.
Според Рама, Бугарија ја блокира европската интеграција на Скопје и Тирана и затоа двете земји треба да преговараат со ЕУ одделно, а не како пакет.
„Се надевам дека веќе сме одвоени од с.Македонија затоа што последниот пат кога бевме двојка не ни дозволија да го направиме следниот чекор. Ова се случи поради ситуација која не е поврзана со Албанија, имено со Бугарија.
Откако ги одржавме меѓувладините конференции и го завршивме скрининг процесот со ЕУ, мислам дека веќе не сме двојка“, изјави Еди Рама.
Тој ги спореди евроинтеграциите на двете земји со вриењето на турското кафе.
„Ситуацијата во с.Македонија е првенствено резултат на политиката на Европската унија, која не може да стави крај на практиката на киднапирање земји.
ЕУ им дозволува на своите членки да го користат своето место во блокот како потпора против своите соседи. Ова е најмногу – најантиевропското нешто што може да се замисли“, тврди албанскиот премиер.
Според него, последиците ги сносат самите земји, „бидејќи тоа е најдоброто гориво за национализмот“.
„За жал, живееме во свет во кој национализмот и глупоста успеваат“, додаде Еди Рама.
Во август минатата година, Еди Рама шокираше со својот говор за Бугарија на Стратешкиот форум во Блед, Словенија. Тој ја спореди бугарската политика кон Македонија со руската агресија врз Украина.





