Рама: Албанскиот јазик не е прашање за Уставниот суд! – Тој помогна да се одржат Р*М и соживотот на државотворните народи Македонци и Албанци!

„Албанскиот јазик помогна да се одржи * Македонија заедно и да се негува соживотот меѓу двата нејзини државотворни народа, Македонците и Албанците“. Албанскиот јазик се внесува сега во несфатлив и необјаснив контекст во Уставниот суд на * Македонија. Но, албанскиот јазик, ниту граѓанските права, што ги здобија Албанците во * Македонија, не се прашање за Уставен суд, на закони или на привремена волја на политички партии, кои се менуваат на изборите.“ – кажа албанскиот премиер Еди Рама синоќа на Четвртото издание на „Политичката академија“ „Арбен Џафери“, одржана во Тирана. Меѓу присутните се наоѓаа и Арбен Фетаи, потпретседател на Владата на Република Македонија и висок функционер на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, како и министерот за социјална политика Фатмир Лимани, потпретседател на Беса, обајцата од коалицијата Вреди, членка на Владата на Македонија. Меѓу присутните на овој настан во Тирана се наоѓаа и лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и Зијадин Села, лидерот на едното крило во Алијаната за Албанците. Оваа „Политичка академија“, како што истакнаа од нејзиниот организатор Фондацијата „Арбен Џафери“ е посветена на  „наследството на големиот албански политичар, филозоф и мислител Арбен Џафери за албанската нација“. Таа се одржа во Тирана синоќа во соработка со премеирот Рама. Како што објави ТВ Топ чанел од Албанија, „Еди Рама во својата реч му ја упати и следнава порака на Скопје: ‘Проблем не се народите, туку нивните водачи. Народите на Балканот страдаат од страбизам (кривогледост, шашливост – заб.прев.). Но не се проблем народите сами по себе, туку се нивните водачи, кои го користат постојано овој етнополитички страбизам, наместо да го лекуваат.“ Ставовите, што ги изнесе Еди Рама синоќа во Тирана како претседател на Владата на Албанија, а посебно неговата „порака до Скопје дека албанскиот јазик не е прашање за Уставниот суд и оти помогнал да се одржат Р*М како држава и соживотот меѓу двата нејзини државотворни народа Македонците и Албанците“ е најдиректно грубо и недозволиво мешање и обид за интервенирање негово како премиер и на Албанија како држава, не само во активностите на Уставниот суд на друга суверена држава, туку и во внатрешните работи на Република Македонија! Еди Рама синоќа се обиде да ѝ дели „политички лекции“ на суверена Република Македонија во врска со третманот и „здобиените граѓански права на Албанците“, кои, патем ги прогласува уште и како „еден од двата државотворни народа на Р*М, покрај Македонците“!

Како што објави ТВ 21, во својата реч претседателот на Владата на Албанија Еди Рама синоќа ја коментираше за првпат „ расправата за албанскиот јазик во * Македонија.“ ТВ 21 пренесе реченица, изговорена од Рама, ако е точно пренесена, за која останува нејасно кое е нејзиното значење: „Албанскиот јазик во * Македонија го хранеше духот на обединување меѓу двата трансформативни народа на Албанците.“ Кои се тие два „трансформативни народа на Албанците“, кои ги спомена Рама, во која смисла се, според него „трансформативни народи“ и за каков „дух на обединување меѓу нив“ проговори Рама?

Како што објави ТВ 21, Рама синоќа, покрај другото, кажа: „Прашањето и темата на албанскиот јазик се внесува сега во несфатлив и необјаснив контекст во Уставниот суд на * Македонија. Јас не велам дека грешат лидерите, кои веруваат во уставните судови на другите земји. Но, мислам дека тоа што Албанците го стекнаа како граѓански права во Северна Македонија не е прашање на Уставниот суд, не е прашање на закони. Тоа не е во прашање на привремени волја на политичките партии. Велам привремени, затоа што политичките партии се избираат еднаш на 4 години и некогаш се на едната страна, некогаш на другата, некогаш имаат многу работи во рацете, некогаш немаат ништо во рацете. Но, албанскиот јазик во * Македонија е прашање, што помогна на извонреден начин не само да се одржи заедно таа како држава, туку и да се негува духот и начинот на соживотот меѓу двата нејзини државотворни народа, Македонците и Албанците.“



На 9 декември 2024 година ТВ Клан Македонија имаше објавено: „Политичката академија „Арбен Џафери“ во соработка со претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама на 10 декември во Тирана ќе го одбележи животот и делото на Арбен Џафери. На овој настан ќе учествуваат истакнати личности од албанската политика и албанскиот јавен живот, лидери на политичките партии од сите албански простори, пратеници и градоначалници на општини, како и публицисти, автори и познати претставници на светот на бизнисот. Поранешните соработници на Арбен Џафери ќе ги расветлат клучните моменти од неговото раководење и политичката визија. Како политички лидер Џафери даде незаменлив придонес во афирмирањето на правата на Албанците во * Македонија, во раководењето со војната во Косово, како и политичката криза во Албанија во текот на 90-тите години од минатиот век. Комеморативната ноќ во Тирана ветува дека ќе биде момент на размислување и инспирација за новите генерации, враќајќи ги во колективната меморија вредностите и идеалите, кои Арбен Џафери ги остави зад себе како наследство за албанската нација.“