Советникот Рамадани контра Заев – не очекува бура од Русија за НАТО

Исмет Рамадани, советник за евроатлантски интеграции на Зоран Заев, не го дели очекувањето на македонскиот премиер за жестока реакција од Русија при влезот на Македонија во НАТО, како во случајот со Црна Гора.
„Ако споредуваме со реакцијата во Црна Гора кога таа беше примена во НАТО, тука има една разлика – таму еден голем процент луѓе, во случајот српскиот народ, беше против членството на Црна Гора во НАТО, така што Црна Гора со години имаше проблеми со надминување на процентот од 50 отсто за НАТО. Таква ситуација нема во Република Македонија. Русија воопшто нема право да се меша во тоа што е определба, односно волја, на граѓаните на Република Македонија“, изјави поранешниот пратеник на Партијата за демократски просперитет (ПДП) во македонското Собрание.
Заев во интервју за црногорската Прва телевизија за реакцијата што ја очекува од Русија рече: „Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко“. Заев дури се повика и на укажувања од аналитичари дека би можел да биде цел за ликвидација по примерот со црногорскиот експремиер Мило Ѓукановиќ.