„Изборот на Доналд Трамп е крај на либералната демократија. Светот тргнува на патот на целосна несигурност! За да ги зачуваме територијалниот интегритет и нашата иднина како албански народ, нашите две републики Косово и Албанија треба да донесат итни одлуки за создавање Албанска Федерација!“ – ова е реакцијата на д-р Садри Рамабаја по изборот на Трамп како нов претседател на САД, што ја пренесе весникот на албански јазик „Бота сот“ од Приштина, Косово. Рамабаја е сегашен политичар од Косово, поранешен осуденик, поради својата борба за независноста на Косово, како и доктор по политички науки и меѓународни односи. Според аналитичкиот портал „Еуразиа ривју“, „Садри Рамабаја е и соработник на Меѓународниот институт за политички студии од Скопје, Македонија“.
„Бота сот“ ја објави изјавата на Рамабаја: „Изборот на Доналд Трамп е крај на либералната демократија. Заедно со овој неславен крај започнува ерата на современиот фашизам во новиот светски поредок. Инсталирањето на германскиот фашизам преку изборите победи во 1933 година, но тоа стана повод за почеток на Втората светска војна. Светот денес тргнува на патот на целосната несигурност. За да ги зачуваме територијалниот интегритет и нашата иднина како албански народ, нашите две републики Косово и Албанија треба да донесат итни одлуки, кои ќе доведат до создавање Албанска Федерација! Во Европа следи прегрупирање на новите сојузи и зајакнување на улогата на нацијата-држава. Во оваа бразда влегуваме и ние. Битката за преживување ќе биде обележувач на следните години.“





