Ракометниот репрезентативец Јоновски тренира ученици во Германија

Аце Јоновски, ракометар на германски Ратинген и репрезентативец на Македонија, со која настапи и на неодамнешното Европско првенство во Хрватска, паралелно со настапите за клубот тренира и деца од основните училишта во истоимениот град оддалечен 12 километри од Дизелдорф.



Јоновски дојде во Ратинген во јули минатата година од Бергишер по испаѓањето на клубот од елитната Бундес лига, а за кој 37-годишниот лев бек настапуваше две сезони. Ратинген настапува во регионалната лига на Северна Рајна Вестфалија, во која во моментот е на третото место.

Во својата 18-годишна професионална кариера, стружанецот има играно за клубови во Македонија (Пелистер, Вардар и Металург), Турција (Бешикташ), Швајцарија (Сент Гален), Данска (Силкеборг), Босна и Херцеговина (Босна), Шпанија (Ла Риоха) и Германија (Бергишер и сега Ратинген).

За репрезентацијата на Македонија специјалистот за одбрана има 70 настапи и 68 постигнати голови.