За време на својата посета на Унгарија, бугарскиот претседател Румен Радев му се пожалил на својот колега Тамаш Суљок за новите ветришта што дуваат во Скопје по неодамнешните двојни избори.
„Бугарија и Унгарија ја поддржуваат европската интеграција на Западен Балкан, но оваа поддршка зависи од суштински реформи, придржување кон Копенхашките критериуми за членство и негување на вистински добрососедски односи“, истакна Радев по средбата со Суљок, подвлекувајќи ја потребата процесот на интеграција да биде втемелен на одржливи и неповратни реформи, а не само поттикнати од геостратешки размислувања.
Изразувајќи ја својата загриженост, Радев ги истакна „вознемирувачките трендови“ во Македонија, кадешто, според него, политичките лидери кои неодамна победија на изборите отворено го отфрлаат европскиот консензус постигнат во јули 2022 година.
Тој изрази надеж и убедување дека Унгарија, како претседавач на Советот на Европската унија, цврсто ќе го поддржува овој консензус.






