Можеби е време грчкиот премиер Мицотакис и бугарскиот претседател Радев да бидат пратени по бурек во Брисел, кога ќе стане збор за евроинтеграциите на Македонија, пишува Јасминка Павловска во колумна за „Нова Македонија“, потсетувајќи на преседанот од пред некој месец кога унгарскиот премиер Орбан беше пратен „на кафе“ , токму кога ЕУ консензуално одлучуваше за почеток на преговори со Украина…
Шолц со „финта“ го спречи Орбан да не стави вето за Украина
„Всушност, не треба овие двајца лидери на ЕУ-членки од балканска провениенција да бидат пратени „по бурек“ за да ѝ се прогледа на Македонија низ прсти за некакво неисполнување на Копенхашките критериуми, туку поради каприциозните толкувања на билатералните договори, кои иако се правени по нивна мера и желби, сега бараат апсолутни привилегии: тие да немаат никакви обврски, а Македонија да исполнува сѐ што е напишано во нив и сѐ што дополнително ќе им текне во Грција и во Бугарија.
„Сега слушаме сѐ повеќе дека Брисел „го јаде туѓ срам“. Тој многу добро знае дека Софија и Атина веќе бараат преку леб – погача.
Откако никогаш по потпишувањето на наводно билатералниот Преспански договор Грција не покажа намера ниту да ги смени сообраќајните табли пред границата со Македонија, на кои соседната земја нема да ја означува како „Скопиа“, грчкиот премиер Мицотакис веќе десетина дена речиси секој ден не пропушта да се повикува на оваа спогодба.
Одеднаш Спогодбата од Нивици (Преспа) се претвори во погоден инструмент на грчкиот премиер за несуптилни и неосновани закани спрема Македонија – дека „патот кон Европа и напредокот поминуваат и низ нашата земја (Грција) и тука може да застанат“. Вадејќи ја од фасциклите од пред пет години, реториката на уцени со вето за македонските евроинтеграции, Мицотакис воопшто не зема предвид дека колку и да е асиметричен овој договор во интерес на Грција, сепак макар во минимална мера треба да биде испочитуван принципот на реципроцитет.
Тој „минимум реципроцитет“ за Грција е ратификација на три меморандуми што произлегуваат од Преспанскиот договор… потсетува Павловска.
„Новата (а можеби и делумно стара) бриселска администрација што ќе се создава по изборите во ЕУ на 9 јуни треба посериозно да се зафати со решавање на проблемите што им се создаваат со консензуалното одлучување, а воспоставениот преседан со испраќање на лидерите на кафе, како преодно решение, да го прошири и со „праќање по бурек“!






