Европа треба да ги поддржи напорите на САД да се најде најдоброто решение за војната во Украина, смета бугарскиот претседател Румен Радев, според кој военото решение е губитничко.
Радев присуствуваше на презентација на анализа за состојбата на армијата, на која присуствуваа министерот за одбрана Атанас Запријанов, началникот на Генералштабот, адмирал Емил Ефтимов, и високи воени претставници.
„Сведоци сме на промена на безбедносното опкружување од невидени размери и динамика на растечка непредвидливост во геополитичкиот простор. Пред само една недела Минхенската безбедносна конференција предизвика вистински потрес во евроатлантскиот простор. Синиќа ги видовме и случувањата во Генералното собрание и во Советот за безбедност на Обединетите нации, кои Си-Ен-Ен веќе ги окарактеризира како нова линија на поделба во евроатлантскиот простор, а можевме да видиме и поинаква оценка за оценка за војната во Украина и различни пристапи за решавање на овој конфликт на САД од една страна и на европските партнери од друга“, рече тој.
Шефот на бугарската држава смета дека сега се води дебата за можно префокусирање на САД од евроатлантскиот простор кон регионот на Пацификот.
„САД инсистираат за брзо решавање на овој конфликт со помош на дипломатија. Она, пак, што го видовме вчера и со посетата на европските лидери на Украина е другиот пристап – продолжување на воената акција и барање преку неа да се стави Украина во позиција на сила за можни понатамошни преговори. Меѓутоа, целиот досегашен тек на војната покажува дека тоа е утопистичка надеж; ќе предизвика многу повеќе жртви, уште повеќе уништување и пустошење во Украина, за што Европа на крајот ќе мора да плати. Европа е најзаинтересирана да учествува во мировниот процес и да води, бидејќи ќе ја обнови Украина“, додаде Радев.






