По извонредно убедливите настапи во прелиминарниот круг кога против Тре Пене и Дачија славеа со вкупни 7-0, Работнички и Шкендија се пред нови натпревари во фудбалската Лига Европа. Скопските црвени на комплексот на ФФМ во главниот град го дочекуваат Динамо Минск, а Тетовци за противник го имаат Хелсинки. Двете средби се од 18 часот и во нив нашите претставници, барем на хартија, се во подредена улога.



Во Работнички знаат дека мечот со Белорусите нема ништо заедничко со средбите од воведот. Го почитуваат противникот и неговиот буџет, но немаат намера да се откажат од натамошните натпревари.

“Динамо Минск е квалитетен тим, можам да ги споредам со Вардар или Шкендија. Таков им е буџетот, а играат со стратегија 3-4-3. Тие се можеби фаворити, но ние имаме свои планови и ќе го дадеме својот максимум. Ќе играме без резерва до крај, има два меча, мислам дека ќе биде тесно, а ќе се решава на реваншот” рече вчера тренерот на Работнички, Виктор Треневски.

Тренерот, пак, на вице првакот Шкендија, Ќатип Османи и фудбалерите се во Струмица и синоќа го одработија последниот тренинг на стадионот “Младост”. Тие се надеваат дека ќе ја повторат играта од првиот дуел против Дачија. Тогаш славеа со 3-0, и секако дека со таков епилог би биле презадоволни по натпреварот со финскиот Хелсинки.

“Тежок натпревар за нас. Со Дачија не очекувавме дека ќе биде така лесно. Сега верувам нема да биде така, но ќе го дадеме максимумот да дојдеме до победа на првата средба, со што потоа би имале нешто полесна задача на реваншот во Финска”, порача од југот капитенот на тетовци, Ферхан Хасани.