Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост-Богданци. Патот е со должина од 4,83 км, во вредност од 4.000.000 евра.
„За мене претставува посебна чест и задоволство еве и да сум јас присутен на овој настан заедно и со министерот и заменик-претседател на Владата Николовски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски. Тие кажаа речиси сè, она коешто јас би сакал да го додадам е дека покрај сите оние проекти коишто навистина прилично амбициозно и успешно ги работи Министерството за транспорт и ЈПДП, можам да напоменам дека во моментот со завршување на вториот повик за аплицирање на проекти коишто ќе ги финансираме од државниот буџет, а се однесуваат на единиците на локална самоуправа, општините, плус оние коишто беа од првиот повик вкупно ќе имаме околу 1.200 градилишта, нешто што не се случило никогаш до сега во независна Македонија, одеднаш на 1.200 точки да се работи нешто, што е многу важно. И кога на сето тоа ќе ги додадеме и сите овие проекти коишто се завршуваат, отпочнуваат а коишто надвор од оваа програма ги финансира Владата и јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата, доаѓаме до импресивна бројка од 1.500, нешто коешто навистина претставува реткост и сега имаме навистина тука еден би рекол исклучително чуден случај, пример како сакате да го наречеме дали нашата градежна оператива сето ова ќе може одеднашка да го совлада и да го изработи“, порача Мицкоски.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски кажа дека изваден е асфалтот, изваден е тампонот, има нова постелка и два слоја нов асфалт. Рехабилитиран мостот пред Богданци, зајакнати се столбовите. Направени се канали покрај патот, бетонски и земјени, за постабилен и подолготраен пат. Направена е целосна нова сигнализација. Нови знаци, ново обележување. Завршено е навреме, патот е почнат јуни 2024, се завршува сега, во рокот.
„Оваа Влада направи Македонија да стане едно големо градилиште. Македонија има една многу интензивна градежна офанзива. Ова е четврти проект на ЈПДП за година дена. Уште два патни правца ќе бидат пуштени наскоро и ќе покажеме дека не застнауваме овде, продолжуваме понатака“, рече Трајановски.






