Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека Русија не бара капитулација на Украина, туку признавање на реалноста „утврдена на терен“. Тој ова го кажа на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Путин ја повтори својата теза дека ги смета Русите и Украинците за еден народ и изнесе територијална претензија:
„Верувам дека рускиот и украинскиот народ се еден. Во оваа смисла, цела Украина е наша. Каде и да стапне руски војник, таа е наша“.
Рускиот претседател рече дека Русија никогаш не се сомневала во правото на Украина на суверенитет, но, исто така, дека Украина била неутрална држава за време на прогласувањето на независноста во 1991 година.
Тој тврди дека Русија е принудена да воспостави безбедносна зона по должината на границата со Украина, пренесува „Ројтерс“.
Путин рече дека не го исклучува заземањето на украинскиот регион Суми. Во својот говор, тој, исто така, рече дека украинските сили извршиле злосторства против цивилното население за време на заземањето на рускиот Курски регион.
Тој ги оправда руските воени дејствија со постојаните напади на украинската армија врз граничните области на Русија: „Зошто го правиме ова? Затоа што тие претставуваат закана за нас. Тие постојано ги гранатираат граничните области. Ова е резултат на нивните, според мене, апсолутно неписмени и целосно неоправдани потези“.
Тој, исто така, предупреди за можна употреба на нуклеарно оружје против Русија, велејќи дека тоа би бил крај за оние што ќе го пробаат тоа.
„Употребата на нуклеарно оружје против Русија би била последната грешка на Киев“, рече тој, без да прецизира врз основа на што проценил дека таква можност постои.






