Путин со поголема поддршка кај руските гласачи во Македонија отколку во Русија

Реизбраниот руски претседател Владимир Путин на изборите од 15 до 17 март добил поголема поддршка кај Русите во Македонија отколку во Русија, покажуваат резултатите на Централната избирачка комисија.



Путин освоил 88,10 проценти од руските избирачи што гласале во Амбасадата во Скопје, наспроти 87,29 отсто во најголемата држава во светот.

Втор во Македонија е претприемачот и пратеник Владислав Даванков со 5,71 проценти. Другите двајца кандидати, претседателот на Комитетот за меѓународни прашања на Државната дума, Леонид Слуцки, и пратеникот од фракцијата на Комунистичката партија на Руската Федерација, Микола Харитонов, добија помалку од 1 отсто од гласовите.

Од соседството, Путин победил убедливо и во Босна и Херцеговина со 77,2 отсто поддршка, а за Даванков гласале 15,82 отсто од избирачите.

Во Србија и во Црна Гора, пак, победа однел Даванков. Тој во Србија добил 67,42 отсто од гласовите, а Путин 10,84 отсто, додека во Црна Гора за Даванков гласале 68,89 проценти од Русите, а за старо-новиот шеф на руската држава 8,41 отсто.