Рускиот претседател Владимир Путин предложи да се истражи можноста за создавање привремена администрација во Украина под покровителство на Обединетите нации и неколку земји за одржување избори, објави Интерфакс.
„Таму да се одржат демократски избори, на власт да дојде одржлива влада која ја ужива довербата на народот.
А потоа да започнеме преговори со нив за мировен договор, да потпишеме легитимни документи кои ќе бидат признати во целиот свет и ќе бидат сигурни и стабилни“, рече Путин.
Рускиот лидер рече дека овој процес ќе го отвори патот за легитимни преговори за решавање на конфликтот во Украина.
Путин изјави дека Москва е подготвена да работи на решавање на украинскиот конфликт и со Европа.
Тој додаде дека Европа постојано се обидува „да ја води Русија за нос“ со неконзистентно однесување.
„Но, ова е нормално, ние веќе се навикнавме на тоа. Се надевам дека нема да правиме грешки врз основа на прекумерна доверба во нашите таканаречени партнери“, предупреди Путин.
Путин изрази уверување дека неговиот американски колега Доналд Трамп навистина сака да стави крај на војната во Украина. „Според мене, новоизбраниот претседател на САД искрено сака да стави крај на овој конфликт“, рече Путин.






